Лимфаденопатија

Лимфаденопатија e состојба на промена на лимфниот јазол во големина, број и/или конзистенција. Често е синоним на отечени или зголемени лимфни јазли. Може да биде резултат на примарна или секундарна манифестација на голем број заболувања. Често пати зголемените лимфни јазли се придружен симптом на заболување кое е манифестирано со јасна клиничка слика (како, на пр., фарингитис, целулитис и сл.). Во такви состојби причината за лимфаденопатијата е јасна и не се потребни натамошни иследувања. Сепак, препораките се дека секоја лимфаденопатија која постои без јасна причина повеќе од 2 недели е индикација за задолжително клиничко иследување. Лимфаденопатија која е придружена со други т.н. Б-симптоми, како што се зголемена телесна температура, намален апетит, ноќно потење, губење телесна тежина, заслужува особено внимание поради сомнеж за малигна болест. Кај млади лица се случува да се дијагностицира лимфаденопатија во склоп на малигно заболување и при отсуство на конституционални симптоми. Сепак, не смееме да создадеме впечаток дека секоја лимфаденопатија е малигна. Повеќето здрави деца имаат палпабилни лимфни јазли на вратот, како резултат на инфективна болест. Децата почесто реагираат со лимфна хиперплазија, но кај лица на 30 годишна возраст лимфаденопатијата во 20% е резултат на малигна причина; додека кај постари од 50 години во 60% од случаите лимфаденопатијата е резултат на малигна причина.


Дијагностички алгоритам во 5 чекори кај зголемени лимфни јазли

  1. Анамнеза и физикален преглед. При земање на анамнеза, особено се обрнува внимание на присутните Б- симптоми и знаци на болеста. Физикалниот преглед е од големо значење. Лекарот може да ги напипа зголемените лимфни јазли кои се достапни за преглед. Истотака, со преглед на абдоменот може да се открие зголемен црн дроб или слезинка.
  2. Лабораториски и микробиолошки иследувања. Во рутински иследувања спаѓаат: крвна слика со диференцијална крвна слика, седиментација, CRP, фибриноген, LDH, протеински статус. Понекогаш корисно е да се направат и микробиолошки и вирусолошки анализи.
  3. Тенко-иглена аспирациона биопсија на лимфен јазол. Тенко-иглената аспирациона биопсија (анг. fine needle aspiration biopsy) на лимфен јазол е брза, безбедна, минимално инвазивна, евтина дијагностичка процедура со која се пунктираат мекоткивни тумори во различни делови на телото со помош на тенка игла под дејство на вакуум. Со оваа техника се овозможува да се добијат доволно клетки кои патологот ги проследува за цитолошка, односно микроскопска анализа. Може да се пунктира секоја палпабилна лезија со големина од 0,5 cm или повеќе. Овозможува брза и ориентациона дијагноза а со тоа ја намалува анксиозноста и чувството на исчекување кај пациентот. Овозможува непосредна тријажа за понатамошни специјални техники (како на пр. отворена „core” биопсија, имунохистохемија и сл.), планирање на понатамошен третман на секој пациент пооделно. Но, тенко-иглената аспирациона биопсија сама за себе не е доволна како дијагностичка алатка. Меѓутоа, нејзината употреба во комбинација со помошни техники, како ултразвук, може да овозможи прецизна аспирација од заболеното место, подобрувајќи го квалитетот на анализираниот примерок а со ова и значително да ја намалува потребата од инванзивни хируршки интервенции.

Поврзани вести