Тенко-иглената аспирациона биопсија на лимфен јазол

Лимфаденопатија претставува состојба на отечени или зголемени лимфни јазли. Може да се појави како последица на голем број бенигни (најчесто воспалителни) или малигни заболувања. Затоа, секоја лимфаденопатија која постои подолго од 2 недели без јасна причина треба задолжително клиничко да се иследи. Една од рутинските дијагностички процедури е тенко-иглената аспирациона биопсија.

Тенко-иглената аспирациона биопсија (анг. fine needle aspiration biopsy) на лимфен јазол е брза, безбедна, минимално инвазивна, евтина дијагностичка процедура со која се пунктираат мекоткивни тумори во различни делови на телото со помош на тенка игла под дејство на вакуум. Со оваа техника се овозможува да се добијат доволно клетки кои патологот ги проследува за цитолошка, односно микроскопска анализа. Може да се пунктира секоја палпабилна лезија со големина од 0,5 cm или повеќе. Овозможува брза и ориентациона дијагноза а со тоа ја намалува анксиозноста и чувството на исчекување кај пациентот. Овозможува непосредна тријажа за понатамошни специјални техники (како на пр. отворена „core” биопсија, имунохистохемија и сл.), планирање на понатамошен третман на секој пациент пооделно. Но, тенко-иглената аспирациона биопсија сама за себе не е доволна како дијагностичка алатка. Меѓутоа, нејзината употреба во комбинација со помошни техники, како ултразвук, може да овозможи прецизна аспирација од заболеното место, подобрувајќи го квалитетот на анализираниот примерок а со ова и значително да ја намалува потребата од инванзивни хируршки интервенции.

Индикации за тенкоиглена аспирациона биопсија на лимфен јазол:
  • лимфаденопатија која перзистира а не е јасна етиологијата
  • акутен лимфаденитис кој перзистира и покрај дадената антибиотска терапија (после 10 дена)
  • хронична лимфаденопатија која перзистира со месеци или има појава на дополнителни симптоми
 

Кој ја изведува тенко-иглената биопсија?

Тенко-иглената аспирациона биопсија треба да ја изведе искусен лекар (патолог, рентгенолог, клиничар). Најдобра пракса е да ја изведува оној кој го прегледува пациентот (ќе добие важни информации од пациентот за почетокот и текот на болеста), ја прави размаската и го анализира примерокот бидејќи тоа озовможува побрзо да се предвиди резултатот од анализата. Особено важен е визуелниот контакт на лекарот со промената која треба да се пунктира (место, форма, големина, боја на кожа над промената, содржина на аспирираната течност и сл.).


Како се изведува тенко-иглената биопсија?

Во промената што треба да се пунктира се внесува мала тенка игла. Местото на пункција се дезинфицира, а по потреба и се обезболува (најчесто нема потреба бидејќи процесот е многу брз – 10 до 15 секунди). Со помош на вакуумот во шприцот се вади мала количина ткивна течност. Течноста се нанесува на предметно стакло, а тоа се става во алкохол. По 5 минути, стаклото е подготвено да се бои со специјални боења за клетки (цитолошка техника на боење).

По цитолошката анализа резултатите може да се класифицираат во 5 групи:
  • Класификациона група I - цитолошки бенигни клетки, нормален наод.
  • Класификациона група II - реактивна популација на клетки, инфламаторен процес (оваа група ретко се користи и обично се класифицира како група I). Ако природата на новосоздадената маса е воспалителна, потребен е антибиотски третман. Ако е циста или бениген тумор потребна е хируршка интервенција, која не е итна со исклучок ако туморот не прави притисок на некој важен орган (пр., голема циста на врат може да ги притиска на горните дишни патишта и да доведе до задушување).
  • Класификациона група III - сомнетелна популација на клетки, со јадрени атипии, но без јасни елементи на малигнитет (се препорачува хируршка биопсија или следење во корелација со клиничката слика).
  • Класификациона група IV - оскудна, малобројна, популација на клетки, со јадрени атипии и јасни или високо суспектни елементи на малигнитет.
  • Класификациона група V - клетки со јасно изразени елементи на малигнитет. Неопходна е хистопатолошка и имунохистохемиска верификација.


Компликации од тенко-иглената биопсија

Ниедна медицинска постапка не е без ризик, но кај аспирационата биопсија тој е могу мал. Компликациите се исклучително ретки; но најчесто е појава на болка, локално крварење, хематом, локален гранулом и некроза на околното ткиво. Појава на локална инфекција е ретко. Најнесоодветниот момент од аспирационата биопсија е ако бројот на клетките при аспирација е мал или ако во размаските од пунктатот има многу крв.

Поврзани вести