Подоцнежни ефекти од третман на детски карциноми

Високата стапка на излечени деца болни од рак не доаѓа без своја цена. Освен што хемотераписките лекови и зрачењето се високо токсични за клетките на ракот, тие исто така се многу токсични и за здравите клетки и органи. Повеќе органски системи можат да бидат погодени од лекувањето на ракот и децата кои биле излекувани од рак често се соочуваат со доживотни последици од тие третмани.

Централен нервен систем. Децата кои примаат терапија со зрачење на нивниот мозок често прикажуваат пад во резултатите на когнитивните тестови. Повеќе од една половина од децата кои примиле високи дози на зрачење на мозокот имаат резултат на IQ тестовите под 90. Децата со акутна леукемија на кои им се давани хемотераписки агенси директно во нивната спинална течност се исто така изложени на ризик да имаат проблеми со учењето и други невролошки ефекти.

Очи и вид. Зрачењето на мозокот како и хемотерапијата можат да предизвикаат оштетување на видот. Ако очите се вклучени во областа на зрачење, детето може да развие радијациска катаракта. Долгорочната употреба на стероиди, кои се дел од повеќето хемотераписки режими и се користат по трансплантација на коскена срцевина, исто така може да предизвикаат катаракта.

Слух. Зрачењето и одредени лекови, како на пример цисплатин, може да предизвикаат губење на слухот.

Заби и плунковни жлезди. Радиотерапија на главата и вратот може трајно да ги оштети забите и плунковните жлезди. Хемотерапијата применета на многу мали деца со акутна лимфобластна леукемија, исто така може да предизвика оштетување на забите.

Срце. Оштетувања на срцето може да се јават поради токсичните ефекти на терапијата со зрачење и поради одредени хемотераписки лекови. Тие оштетувања може да го засегнат срцевиот мускул, перикардиумот (обвивката) на срцето или коронарните артерии. Лековите за кои најчесто е забележано дека предизвикуваат оштетувања на срцето се даунорубицин и доксорубицин. Тие особено предизвикуваат оштетување на левата комора, главната комора за испумпување крв на срцето. Ова може да доведе до срцева слабост, состојба во која срцето не може да пумпа крв доволно ефикасно низ целото тело. Оваа состојба може да не се појави се до некои подоцнежни периоди во животот и може да биде предизвикана од стресни ситуации, како што се интензивно вежбање или бременост. Некои луѓе кои преживеале детски (или возрасен тип на) рак порано или подоцна имаат потреба од трансплантација на срце.

Бели дробови. Блеомицин и кармустин се два хемотераписки лекови кои може да предизвикаат воспаление на белите дробови со понатамошно создавање на лузни и намалување на функцијата на белите дробови. Терапијата со зрачење на градите исто така може да предизвика нарушување на функцијата на белите дробови.

Бубрези. Бубрезите можат да бидат оштетени со радиотерапија на абдоменот или од поголем број хемотераписки лекови. Некои од овие лекови се цисплатин, кармустин, ифосфамид, метотрексат, винбластин и блеомицин. Децата третирани од Вилмс-ов тумор може да развијат бубрежна болест во бубрегот кој не бил третиран [засегнат] повеќе години после третманот.

Мочен меур. Зрачењето на карлицата во комбинација со лекот циклофосфамид може да предизвика циститис или воспаление на мочниот меур.

Црн дроб. Оштетување на црниот дроб може да се случи со зрачење или со хемотерапија. Лековите кои се користат за лекување на леукемии се особено познати по нивниот токсичен ефект врз црниот дроб. Кармустин е уште еден лек за кој исто така се знае дека има токсичен ефект врз црниот дроб.

Тенко црево. Зрачењето може да предизвика акутно воспаление на цревата со повраќање и дијареа. Некои деца може да развијат лузни на цревата што може да доведат до блокади, и бараат хируршка интервенција.

Мускулно-скелетен систем. Зрачење на 'рбетот, кое понекогаш се користи кај деца со Хоџкин-ова болест или медулобластом, може да предизвика искривување на 'рбетот во форма на кифоза, грпка или сколиоза, искривување на 'рбетот во облик на латиничната буква S. Зрачење на колковите може да предизвика оштетување на коските на колковите. Двете најчести форми на ова оштетување се спуштање (лизгање) на капиталната бутна епифиза и аваскуларна некроза, при што и двете оштетувања вклучуваат оштетување на крајот на бутната коска на местото каде се поврзува со карличната коска. Кај деца третирани од рак на мозокот, акутна лимфобластна леукемија, лимфом и некои цврсти тумори може да се забележи губење на потребните минерали во коските. Долготрајната употреба на стероиди или метотрексати е честа причина за тоа. Овие деца се изложени на ризик од фрактури.


Ендокрин систем

  • Хипофиза

Зрачењето на мозокот може да предизвика недостаток на хормонот за раст. Дури и кога се присутни нормални нивоа на хормонот за раст, децата кои биле подложени на зрачење на мозокот често се дебели и не успеваат да ја постигнат очекуваната висина. Оние чии нивоа на хормонот за раст се ниски ќе растат само кога се применуваат инјекции со хормонот за раст.
  • Тироидна жлезда
Тироидната жлезда може да биде оштетена од терапија со зрачење која го вклучува вратот, при што обично станува недоволно активна (појава на гушавост). Ова може да се јави дури неколку години после третманот, а се третира орално, со внес на хормони на тироидната жлезда.
  • Репродуктивна функција
Радиотерапијата како и хемотерапијата може да ги оштети јајниците, предизвикувајќи загуба на хормони, недостаток на месечни циклуси и неплодност. Тестисите малку потешко се оштетуваат, па возрасните мажи кои преживеале третман на рак често имаат нормални хормонални нивоа и сексуална функција, но може да бидат стерилни. На адолесцентите може да им биде понудена можноста да зачуваат сперма во банка за сперма пред третманот, со цел да се осигура дека тие ќе може во иднина да имаат деца по пат на вештачко оплодување. Оние кои биле подложени на операција за отстранување на внатрешни јазли кои биле засегнати од рак на тестисите како возрасни може да бидат импотентни, како последица на оштетување на нервите кои ја контролираат сексуалната функција. Со оглед на тоа што хемотераписките лекови може да предизвикаат генетски мутации, голема е загриженоста дека кај оние преживеани чија плодност е зачувана после третманите постои ризик за раѓање деца со вродени дефекти (мани). Ова сеуште не е забележано, но забележано е дека децата на жени кои биле третирани за Вилмс-ови тумори имале мали тежини при раѓање.


Секундарни ракови

Најсериозниот подоцнежен ефект на успешен третман на детски рак е секундарен рак. Секундарниот рак е посебен вид и е поврзан или со наследни фактори или многу почесто со подоцнежни ефекти од терапијата.

Генетски причини 
Околу педесет проценти од оние кои биле третирани од наследна форма на ретинобластом развиваат секундарен рак во одреден момент во својот живот.

Хируршки третман
Децата со типови на рак кои го попречуваат протокот на урина понекогаш имаат потреба од процедура наречена уретеросигмоидостомија . При оваа хируршка процедура, уретерот (канал кој ја пренесува урината од бубрезите до мочниот меур) се поврзува со сигмоидалното дебело црево. Овие деца имаат значително зголемен ризик од развој на аденокарцином на дебелото црево на местото на поврзување во позрела возраст.

Радиотерапија
Зрачење на вратот може да предизвика подоцнежен рак на тироидната жлезда. Зрачење на мозокот може да предизвика тумори на мозокот подоцна, како на пример менингиоми или глиоми. Ова било поприлично честа појава кај деца лекувани од леукемија и на кои им било давана профилактичка радиотерапија со цел да се спречи повторување на болеста во централниот нервен систем. Саркомите на коските (малигни тумори на сврзните ткива) се можни после терапија со зрачење на ретинобластом или Ewing-ов сарком. Ризикот од подоцнежен рак на дојката е зголемен кај оние кои биле лекувани со радиотерапија за Хоџкин-ова болест (лимфом - рак кој потекнува од белите крвни клетки) во детството.

Хемотерапија 
Етопозид и тенопозид, хемотераписки лекови познати како епиподофилини, се поврзуваат со ризикот од развој на акутна миелогена леукемија во годините после првичниот третман за рак. Овие се користат во третманите на некои тумори на гаметните клетки, акутна лимфобластна леукемија и не-Хоџкин-ов лимфом.

Потиснување на имунолошкиот систем 
Со цел да се спречи отфрлање, децата кои се подложени на трансплантација на коскена срцевина добиваат лекови за да се потисне нивниот имунолошки систем. Долготрајната употреба на овие лекови се поврзува со ризикот од развој на карцином кој потекнува од белите крвни клетки познати како Б-клетки.
 
Автор: Др.Дарко Стојановски-медицински советник во ХЕМА

Поврзани вести

Категории

Пребарување

Најнови вести

Тагови

Популарни вести

Архива на вести